Илузии за инклузијата: Што не треба да очекуваме од училиштето?

Иако многу родители на деца со состојби од аутистичниот спектар (САС) се силно мотивирани да ги вклучат своите деца во редовното образование, често недостасува подготвеност за вистинска, суштинска инклузија. Оваа неподготвеност може да ја отежне конструктивната соработка со училиштето. Истовремено, добро воспоставената и отворена комуникација меѓу училиштето и родителите претставува еден од клучните фактори за успешно инклузивно образование. Токму затоа, важна улога имаат стручните служби за психолошка и педагошка поддршка во училиштата.

Врз основа на долгогодишната пракса на стручниот тим во едно инклузивно училиште во Москва, беше направена анализа на вообичаените недоразбирања и погрешни претпоставки што ги имаат родителите во однос на инклузивното образование. Во текстот во продолжение се опишани некои типични грешки, а посебно се нагласува значењето на навремено и стручнo планирање на иднината на детето — вклучително и поттикнување на неговата социјално-емоционални вештини.

Развивање на инклузивниот модел

Моделот на инклузивно образование за учениците со САС во ова училиште започнал да се развива сосема спонтано. Причината лежи во тоа што многу родители ги препознаваат можностите што ги нуди ова училиште, особено во областа на технологијата и програмирањето, каде што нивните деца можат да ги поврзат сопствените интереси со идната професија.

Во последните години, со воведувањето на новиот Закон за образование и прифаќањето на Сојузниот државен образовен стандард за деца со попреченост, како и со вклучувањето на училиштата во проектот „Инклузивна молекула“, моделот добива појасна и поорганизирана структура. Во гимназијата нема посебни паралелки за ученици со попреченост — сите одделенија од прво до единаесетто се инклузивни. Поддршката за учениците со САС се прилагодува соодветно во различните нивоа на образование (основно, средно, високо), користејќи различни педагошки пристапи. Она што е заедничко на сите нивоа е постојаната психолошка и педагошка поддршка и за децата и за нивните родители. Благодарение на ова, училиштето може да ги следи и разбере предизвиците кои се јавуваат низ годините.

По воведувањето на новиот државен образовен стандард, многу други училишта започнуваат со вклучување ученици со САС. Најголем дел од вниманието сега се насочува кон тоа како да се развијат академските вештини на овие ученици во основното образование. Се поставуваат важни прашања: Дали детето е подготвено да учи во редовна паралелка? Дали училиштето е подготвено да го прифати? Иако овие прашања се природни и важни, исто така е неопходно навреме да се предвидат и потешкотиите што може да се појават во подоцнежните фази од образованието. Притоа, важно е тие предизвици да се согледаат и од перспектива на родителите.

Недоразбирањата и непоклопувањето на очекувањата меѓу родителите и училиштето, како и меѓусебната недоверба, можат значително да ја ослабнат поддршката што им е толку потребна на учениците. Затоа, неопходно е внимателно да се анализираат најчестите проблеми за да се утврди каде стручните лица треба да вложат повеќе внимание. Тоа ќе помогне психолозите и наставниците поуспешно да соработуваат со родителите и да создадат поквалитетна инклузивна средина.

Идеализирањето на инклузијата – логична замка за родителите

Главниот и основен предизвик, според долгогодишното искуство на училиштето, е идеализирањето на инклузијата од страна на родителите. Ова е логична, но опасна замка во која често паѓаат и најангажираните семејства. Имено, родителите честопати веруваат дека најважната задача е детето да биде запишано во инклузивно училиште – и дека од тој момент натаму, сè ќе се развива само по себе. Нивната цел е сосема разбирлива и исправна – да му се овозможи на нивното дете со САС социјализација меѓу типични врсници и пристап до редовниот образовен процес.

Но, во исто време, кај родителите е присутен и сосема оправдан страв од т.н. „дива инклузија“ – ситуација во која детето се става во средина што е целосно неподготвена за неговите потреби. Токму тука се крие дел од проблемот: не секое инклузивно училиште е подготвено, ниту пак може да понуди идеална средина. Всушност, инклузивното училиште е и натаму масовно училиште – со широк спектар на ученици, од различни социјални, културни и семејни контексти, со разни тешкотии и предизвици. Наставниците, колку и да се мотивирани и посветени, најчесто се обучени во областа на општата педагогија, а не како специјални едукатори или специјализирани за работа со ученици со САС.

Дури и кога во училиштето постои подготвеност за инклузија, тоа не значи дека целата средина е совршено прилагодена. И секогаш ќе постои некој врсник или наставник со кој комуникацијата нема да тече лесно, каде што ќе се појават недоразбирања или дури конфликти. Но тоа не е повод за паника, туку дел од реалноста. Секојдневниот живот е сложен и непредвидлив, и токму затоа е важно родителите да останат активни и кооперативни партнери со училиштето.

Во таа соработка, клучна улога има психолошко-педагошката служба, која идеално вклучува и специјален едукатор, а може да понуди поддршка, медијација и советување – како за родителите, така и за наставниците. Решенијата се секогаш индивидуални и бараат заеднички напор, разбирање и прифаќање на процесот на инклузија како долгорочен и постојано еволуирачки. Само на тој начин можеме да изградиме стабилна, функционална и вистински инклузивна средина за сите ученици.

Очекувањата од училиштето и потребата од соработка

Вториот важен предизвик е тенденцијата на родителите, често поради голема зафатеност или други лични околности, да очекуваат училиштето да преземе сè или поголемиот дел од одговорностите во однос на детето – и тоа според нивната сопствена замисла и визија. Вистината е дека ниту едно училиште, колку и да е посветено, не може само да обезбеди сè што му е потребно на едно дете со САС. Основната мисија на училиштето е воспитно-образовна, а не терапевтска или рехабилитациска.

Затоа, уште на самиот почеток од образовниот пат, неопходно е родителите и училиштето отворено да се договорат за распределбата на улогите и одговорностите во различните аспекти од поддршката на детето. Овој договор треба да биде реален и взаемно почитуван – само така може да се создаде стабилен и ефективен систем на поддршка за детето, базиран на соработка, а не на еднострано префрлање на очекувањата.

Инклузија не значи целосно прилагодување на средината кон детето

Често се среќаваме со еден специфичен пристап кај родителите, кој би можел да се опише со ставот: „Вие мора да се прилагодите на моето дете, затоа што тоа е посебно.“ Во ваквата претстава за светот, сите други деца во училиштето се доживуваат како „обични“, како една бројка што постои само за да му помогне на нивното дете во процесот на социјализација. Таквите родители искрено не се запрашуваат зошто другите деца се наоѓаат во училиштето, ниту размислуваат за желбите и потребите на нивните семејства.

Но суштината на инклузивното образование не е само едната страна да се прилагоди. Тоа подразбира взаемно прилагодување – и на детето со посебни образовни потреби и на средината во која учи. Родителите што прават ваков вид грешка често веруваат дека околината мора целосно да го прифати нивното дете такво какво што е, без никакви очекувања за развој, учење или промена од негова страна. Истовремено, кон другите деца немаат исто толку разбирање и попустливост, какви што очекуваат да им се покажуваат кон нивното дете. Напротив, кај сопственото дете често не ги препознаваат истите манифестации кои би ги осудиле кај другите.

Најекстремен облик на ваквиот пристап е идејата дека официјалната дијагноза ѝ дава на детето некакво „право“ на непримерно однесување или асоцијални постапки. Тоа е длабоко погрешен и штетен став.

Во јавноста сè почесто се појавуваат текстови и мислења од професионални психолози кои им порачуваат на родителите дека „секогаш треба да бидат на страната на своето дете“. Но, да се биде на страната на своето дете не значи автоматски да се биде против училиштето, против наставниците или против другите деца и родители. Да се биде на страната на детето значи да се биде со него – и во разбирање, и во поставување граници, и во учење од ситуациите. Значи да му се помогне да ги анализира конфликтите, да се разговара со него за тоа зошто понекогаш неговите постапки се оправдани, а понекогаш не. Само така ќе го научиме како да расте во одговорна личност која припаѓа на заедницата.

Недовербата не гради партнерство

Друг често среќаван облик на неконструктивно родителско однесување се јавува кога, веднаш по запишувањето на детето во училиште, родителот покажува отворена недоверба кон стручноста на наставниците, образовниот асистенти и стручната служба . Наместо соработка, тој настојува да им наметне сопствени идеи и да ги натера да работат исклучиво според неговото лично разбирање за тоа што е најдобро за детето. Ваквиот пристап може сликовито да се опише како: „Јас ќе ве научам како треба да работите со моето дете.“

На прв поглед, ова може да изгледа како израз на посветеност или борбеност, но во пракса често води до конфликти, недоразбирања и затворени канали на комуникација. Наставниците, асистентите и стручните соработници се тука за да помогнат, но нивната професионалност и искуство треба да се почитуваат. Кога наместо партнерство се гради атмосфера на контрола и сомнеж, фокусот се пренасочува од детето кон несогласувањата меѓу возрасните – а токму детето најмногу губи во такви ситуации.

Конструктивната соработка подразбира дијалог, отвореност, доверба и заемно прифаќање на улогите. Само така може да се создаде поддржувачка средина каде што сите – и децата, и родителите, и наставниците – се движат во иста насока.

Прекумерната заштита е добронамерна, но ограничувачка

Друга честа крајност со која се соочуваме во праксата е прекумерната заштита од страна на родителите. Во вакви ситуации, семејството се труди целосно да се приспособи на детето, преземајќи ги сите негови одговорности: ги планира, контролира и организира сите негови активности, вклучително и оние едукативните. Наместо постепено да го учат детето со САС да биде самостојно, да се грижи за себе и да презема одговорност за сопствените обврски, родителите несвесно го спречуваат во развојот на овие важни животни вештини. Во многу случаи, не му се остава ни простор самостојно да одлучи, дури ни во едноставни секојдневни ситуации.

Идеално би било ваквата воспитна улога да се спроведува во партнерство со училиштето. Тоа значи дека и семејството и училиштето треба заеднички да работат на развојот на детето во рамките на неговата зона на проксимален (нареден) развој – односно да му помагаат да ги совлада вештините кои самото не може (сè уште) да ги извршува, но може со поддршка. Сепак, во пракса, често се случува родителите воопшто да не размислуваат за оваа задача или да не гледаат потреба од постепено префрлање на одговорноста кон самото дете. А токму тоа е еден од клучните предуслови за развој на функционална самостојност и животна компетентност кај секое дете, вклучително и кај оние со САС.

Инклузијата не е линеарен процес

Ова директно се поврзува со уште една честа родителска грешка – фокусирање исклучиво на академскиот успех на детето, на сметка на неговиот социо-емоционален развој. Проблемите во социјалната интеракција кај децата со САС се тесно поврзани со нивниот успех во учењето, и во одреден момент токму тие стануваат клучен фактор – иако оваа врска најчесто не им е очигледна на родителите. Недостатокот на развој на социо-емоционалните вештини во тинејџерските години често доведува до осаменост кај детето со САС, дури и ако тоа било добро социјализирано во текот на основното образование.

Кога станува збор за академскиот успех сам по себе, постојат и други типични родителски заблуди. Специјалните услови кои се создаваат за полесно учење, со текот на времето се почнуваат да се доживуваат како нешто сосема нормално, а кај родителите се создава илузија дека детето само се снаоѓа одлично, без потреба од дополнителна поддршка. Родителите треба да бидат свесни за оваа опасност, а училиштето треба постепено да им помага во анализата на напредокот на детето преку независна проценка – вклучително и во споредба со напредокот на неговите врсници – со цел да се добие пореална слика за состојбата. Особено во периодот на транзиција од одделенска кон предметна настава, родителите често живеат во илузија дека сè е веќе средено и дека детето веќе не му е потребна никаква дополнителна поддршка.

Меѓутоа, во овој период се случуваат значителни промени во образовната ситуација: има повеќе предметни наставници, се појавуваат нови соученици (по изборните предмети) и започнуваат промените поврзани со раната адолесценција. Ова често води до влошување на општата состојба на детето со САС и поврзана регресија во развојот на социјалните и когнитивните функции. Родителите не се подготвени за ова и го обвинуваат училиштето. Треба да се работи над ова, можеби ќе треба прво да се намали бројот на часови на кои ќе присуствува ученикот, а потоа да го зголемиме повторно. Неопходно е да се подготват родителите за фактот дека во периодот на предметна настава можеби ќе треба повторно да ги поминат оние фази што биле веќе еднаш надминати. Идејата за инклузија како линеарен процес е исто така една од манифестациите на идеализација на инклузијата.

Потребата од специјализирана поддршка

Потребно е да се кажат неколку збора и за проблемот, познат на сите специјалисти, кој се однесува на односот на родителите кон формалното препознавање на посебните потреби на детето. Честа е ситуацијата кога родителите, и покрај тоа што ги забележуваат одредени карактеристики, ја толкуваат различноста како знак на надареност, ексцентричност или минлива фаза. „Детето е малку чудно, како и сите надарени луѓе“, велат, „само што има некои проблеми што ќе ги надмине. А училиштето треба да се справи со нив, бидејќи знае да работи со деца со посебни потреби.“

Да, навистина постојат деца со САС на кои им е доволно само прифаќањето и разбирањето од средината за да се развиваат нормално. Но, тоа не е правило. Повеќето деца имаат потреба од специјализирана стручна поддршка која ќе им помогне да ги развијат своите потенцијали поефикасно. Училиштето само по себе, со сите ограничени ресурси, не може да го замени тој вид на поддршка — особено ако комуникацијата со родителите е отежната поради нивниот став.

Идеализацијата на инклузијата и нејзините последици

Важно е да се разговара со родителите за реалните цели на инклузијата. Една од најчестите манифестации на идеализацијата е верувањето дека ако инклузијата е „успешна“, детето ќе стане „како сите други“ — ќе има пријатели, ќе постигнува како врсниците, ќе се вклопи. Но, реалноста не секогаш го следи овој наратив. Многу често, родителите се соочуваат со горчливото сознание дека нивниот тинејџер со САС, и покрај сите вложувања, не го достигнал тој идеализиран образец.

Во тие моменти, може да се појават разочарување, вина, лутина кон училиштето, па дури и депресија — состојби кои ја прават поддршката на детето уште потешка.

Некои родители планираат само до моментот на полагање на матурскиот испит или запишување на факултет. Но, токму тогаш завршува инклузивната средина изградена околу него — а не и животот. За жал, недостига јасен план за иднината: што ќе прави детето по завршувањето на образованието. Истовремено, постои тивка, но длабоко вкоренета претпоставка кај родителите дека поддршката која детето ја добива од околината ќе продолжи на ист начин во сите фази од животот. Но таквото очекување е нереално и опасно, бидејќи ја одложува потребата од градење на реални стратегии за иднината.

Недостатокот на социо-емоционална подготвеност

Важно е уште еднаш да нагласиме дека една од најголемите пречки за градење на максимално успешна животна траекторија во иднина е недоволното разбирање кај родителите за важноста од развојот на социо-емоционалната вештини кај дете со САС. Проблемите поврзани со перцепцијата на тинејџерот за себе и за неговото место во општеството често им се чинат помалку значајни отколку академскиот успех.

Ресурсите со кои располага училиштето за работа во оваа област се многу ограничени, па токму затоа оваа задача во голема мера паѓа на родителите. Потценувањето на можните последици од социјалната наивност кај детето со САС може да има сериозни последици за неговиот иден живот. Непрепознавањето на лага, заедно со силната желба да не бидат социјално изолирани, да бидат прифатени и да имаат пријатели, може да ги направи особено ранливи на манипулации од страна на врсници со девијантно однесување.

Она што може да се извлече како заклучок од оваа анализа е јасната потреба за создавање на систематска, промислена и континуирана работа со родителите на децата со посебни потреби во рамки на инклузивното училиште.

Препораки за работа со родители во инклузивно училиште

Работата со родителите треба да започне уште при запишувањето на детето во училиштето. Веќе на првиот разговор, важно е однапред да се разгледаат можностите за континуирана, конструктивна соработка. Оваа работа, треба да се води во три насоки:

1. Инклузија на родителите – активно вклучување на родителите на деца со посебни потреби во сите облици на работа на родителската заедница: во советот на родители, училишниот одбор, различни родителски клубови итн. Целта е родителите да разберат како функционира училиштето, со какви проблеми се соочува, зошто се носат одредени управувачки одлуки и како тие може да влијаат врз нивните деца.

2. Создавање клуб на „посебни родители“ – организирање простор и време за редовни дискусии на теми кои се најважни за овие родители, со цел размена на искуства, поддршка и заедничко градење на разбирање за предизвиците и потребите на децата со посебни образовни потреби.

3. Создавање транспарентна образовна средина– овозможување посебни пропусници за родителите, присуство на наставата, следење на воннаставни активности, со цел поголема вклученост и информираност за образовниот процес.

Иако работата во првата насока – инклузија на родителите – во некои училишта веќе успешно се спроведува, создавањето на посебна заедница на „посебни родители“ е далеку посложено. Не сите родители сакаат да се идентификуваат со оваа заедница, а уште помалку чувствуваат потреба да ги преиспитаат сопствените ставови. Дополнително, дел од родителите не сакаат или немаат можност да ги остават своите деца по завршувањето на наставата, што дополнително ја отежнува нивната вклученост.

Работата со деца со состојби од аутистичниот спектар не само што претставува предизвик за училиштето и семејството, туку и ги изострува постојните слабости во образовниот систем. Таа ги прави видливи недореченостите кои можеби долго време биле игнорирани и нѐ повикува сите – наставници, стручни соработници, родители и креатори на политики – на заедничка одговорност. Само преку конструктивна соработка и подготвеност за промена можеме да развиваме решенија кои ќе бидат одржливи и праведни, не само за децата со САС, туку и за сите ученици во инклузивното училиште.

Извор: https://psyjournals.ru/journals/autdd/archive/2017_n3/khotyleva_rosenblum

Превод: Мила Карјакина Поповска

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top