На 10 и 11 мај 2025 година, Аутизам Институт ја организираше првата стручна обука посветена на тренингот на социјални вештини и примена на натуралистички бихејвиорални техники кај деца со аутизам и интелектуални тешкотии. Оваа дводневна обука беше наменета за стручни лица од областа на образованието и поддршката – психолози, специјални едукатори, образовни асистенти и наставници.
Обуката ја реализираа проф. д-р Бранислав Бројчин, доц. д-р Слободан Банковиќ од Факултетот за специјална едукација и рехабилитација, Универзитет во Белград, и Марина Антонијевиќ, специјален едукатор, Основно училиште „Милоје Павловиќ“од Белград – експерти со долгогодишно искуство во проучување и примена на стратегии за развој на социјални вештини.

Методологијата која беше презентирана на обуката нуди примена во образовен контекст, со можност за адаптација на стратегиите според индивидуалните потреби на детето. Целта е да се поттикне функционална социјализација, независност и полесна инклузија во училишната и пошироката заедница.

Методот тренинг на социјални вештини претставува структуриран пристап кој се користи за развој и јакнење на социјалните вештини кај деца и млади со попреченост. Овој пристап се базира на принципи на бихејвиорална анализа и вклучува низа техники како што се: моделирање на однесување, подучување преку примери, зајакнување на социјално прифатливо однесување и постепено градење на социјални вештини преку практични вежби и сценарија од реалниот живот.

Клучна компонента на обуката беше видео моделирањето, кое се покажало како особено ефективно кај ученици со САС. Преку кратки видеа кои прикажуваат посакувано социјално однесување (на пример: започнување разговор, барање помош, препознавање емоции), децата можат визуелно и со јасна структура да учат и да ги имитираат вештините. Видео моделирањето помага во намалување на стресот од непознати ситуации и овозможува учење во безбедна и контролирана средина.

Обуката претставуваше прва прилика од ваков тип за професионален развој во областа на оваа специфична методологија. Едукацијата беше збогатена со активна размена на искуства, практични вежби и конструктивна дискусија за реални ситуации од праксата.

Голема благодарност до сите учесници за довербата, ентузијазмот и посветеноста. Ваквите обуки се дел од мисијата на Аутизам Институт – да овозможи стручна поддршка и градење на капацитети за квалитетна инклузивна практика.
Следете нè за најави на нови обуки, ресурси и стручна поддршка.